Comments Off

Делото „Бозата ти е пријател“објавено во галеријата на offnet.mk, претставува извонредно достигнување на современата „офстрим“ уметност во Македонија. Станува збор за визуелен бриколаж и семиотички мозаик кој истовремено го доловува македонскиот „Zeitgeist“, но и остава траги и сведоштво на поединецот заплеткан во реалноста и знаците кои го опкружуваат, и од кои тој, колку и да сака, не може (лесно) да се одбрани.

Делото е фундирано на две симболички оски кои ги проектираат принципите на Добро и Зло: од левата страна е Злото, сочинето од низа знаци и симболи кои го асоцираат принципот на Негативното, додека од десната страна е оската на Доброто и редица знаци кои по наумот на авторот го градат и бранат принципот на позитивното. Кон овие два сопоставени столба, кои во манихејски се судираат на платното на уметникот, вградени се неколку бинарни опозиции, oдносно антагонизми, кои треба да го доловат тој епски судир:
Ж’ТА – Боза
Гавазова – Калиопи
Темни облаци и громови – Сонце
Канго, рок пророк – Г. Г. Стефан
Цигари – Спорт (симболизиран со кош и кошаркарска топка)
Motorhead, Slayer, GG Allin и ACDC – Свети Тројца Жељко (Бебек, Јоксимовиќ и Самарџиќ)
Beer & Bitches, Drugs (симболи на декаденција) – E=MC2, π (симболи за наука и знаење)
Jesus is a Fag – МПЦ срце
Мртовечка глава (симбол на смрта и деструкцијата) – Фејзбук (симбол на животот и дружењето)
Препознатливи симболи на хард/метал бендови и супкултура – математички формули…
Parental advisory (програми) – Сител телевизија

Делото е контроверзно со самото тоа што Калиопи и Сител ги става на оската на Доброто, но авторот како да нè предупредува со ова да не заспиеме пред реалноста, да го активираме својот сознајно-критички капацитет и да ги преиспитаме елементите на мозаикот вплетени во него. Веднаш се поттикнува сомничавоста и критичкиот дух на набљудувачот кој низ овие присокриени детали открива дека реалноста и не е така црно-бела како што на прв поглед можеби изгледа. Како симетричен баланс на оваа двозначност на Сител и Калиопи е поставена обетката во форма на крст на увото на младиот негативец од лево, која ни порачува да не се препуштаме на формите, туку да се внурнеме во подлабокото значење и смисловност на знаците и симболите. Формите можат да залажат, а тоа она што е можеби и најголем предизвик на нашето совремие.

Секако, централно место во овие две бинарни оски на Доброто и Злото го зазема ликот на младото момче кое не само што ја надополнува оваа констрастивна поставка, туку и дава извонредна длабочина и лична, човечка, односно хумана, страна. Од десната страна тоа е лик на насмеано младо момче кое му се радува на животот, носи спортски дрес (со боите на националниот тим, жолта и црвена), додека од лева страна е неговиот антипод, односно момче избричено полуќелаво и со кикиришка фризура, со модринки, лузни и зулуф-јаречка брадичка комбо. Во својата визуелна и метафоричка директност делото ја отсликува парадоксалноста и шизофреничноста на совремието кое ви нуди екстремни спротивности, пред кои се исправени младите и за кои мораат да направат избор.

Покрај видливите бинаризми и антагонизми, наведени претходно, постојат и прикриени антагонизми како што е на пример оној на „Твитер“ наспроти „Фејзбук“ даден во кодирана форма (хаш таг #цицки vs логото на Facebook).
Делото блика со убаво наштелуван патриотизам, воочливо од детаљот дека Калиопи е позиционирана многу повисоко од Жељко Јоксимовиќ, а згора на тоа добива 12 евровизиски поени, што на сликата ѝ дава дополнителна доза на патриотски оптимизам. Воедно тоа ја позиционира модерната жена високо на уметничкиот пиедестал, без разлика на тоа што таа можеби слабо го владее англискиот јазик. Со ова се влева една доза на хуманост и сочуствување со човековата несовршеност.
Симетричноста е присутна во различни директни, но и прикриени форми, што го одразува доминантниот концепт за убавина во европската уметност: шише боза наспроти шише ж’та, сонцето и топката (2) наспроти цицките на Гавазова (2), цигарата наспроти кошаркарскиот столб, и така натаму.

Како и во сите значајни уметнички трудови, така и во овој присутна е полисемијата. Туке може да се напомене на пример фрагментот „Puna“ и дилемата дали се работи за печатна грешка? Или можеби авторот не сакал да ги повреди авторските права на брендот „Puma“? Секако, се работи за суптилна уметничка интервенција која покажува дека уметноста најмногу се отсликува во деталите: фрагментот „Puna“ реферира кон модерните феномени на копирање и имитирање на вистинските вредности (како на пример имитациите на батериите SONY со неквалитетни батерии SQMY) и му порачува на набљудувачот да внимава кон какви вредности се приврзува и ги почитува: копиите и имитациите доминираат во нашиот живот, а уметноста е тука да ни помогне да ги разобличиме.

Скопје, 9.5.2012.

Сам себе го жигосал

Posted: 9th April 2012 by sead93 in Uncategorized
Comments Off

Првин исповед: јас сум еден од оние научникари кои наместо да читаат Хегел и Кант, копаат по ѓубрето на популарната култура и тука бараат некоја ука и наука. Значи гледам јас така поздрави и честитки на БТР (со истражувачки побуди) и тоа баш на „Меѓународниот ден на Ромите“ и види, најбарана песна „Зек зек дадумле“ (бугарската верзија):

И си викам, кај отиде светов?

За оние кои послабо стојат со бугарскиот еве го текстот на песната „Zek zek dadumle lyrics“:

Стиховите кои се повторуваат во римата „Vlez v men da kradesh da vidia dobro li e, da kradesh che drugite hvaliat te“ соо поттекст дека вокалистиката му пее на некаков „крадец на женските срца“, во видео спотот се прекодира и целосно изместува: Ромчето краде по пазари, и оп, почнуваат да го бркаат глутница пазарџии да го фатат! Каква стигматизација, и тоа се популаризира токму во таа етничка група или заедница преку масовните медиуми.

Значи да беше по исклучок, ќе пропуштев да отиде нерегистрирано, ама за жал е дел од една поширока балканска пракса на шибање автоголови во модерната глобализација, во која единствено наравоучение е дека не може никој да ти го смести така како сам себе можеш да си го накладеш.

Comments Off

Откако кон крајот на 90-те во Македонија започна лудилото наречено сапуници, граѓаните не можат да здивнат без да бидат навлечени на некоја „возбудлива“, „најгледана“, „спектакуларна“, „фабулозно-грандиозна“, ХИТ серија над сериите. Домашните телевизии успеваат да ги откупат правата на сите серии кои ќе се пробијат во Хрватска и Србија, и со тоа да им добават на гледачите доволни дози електронски апаурини.

Сапуниците секако ги зовриваат страстите на јавноста, како на оние кои верно ги следат доживеалиците на омилените ликови и плачат на седмата реприза во текот на викендот, така и оние на кои им е оневозможено демократското право на пристап до домашните телевизори.

Како и да е, во разговор со експертите ни беше истакнато дека овие процеси се многу важни и не треба да се потценува нивниот импакт на секојдневниот живот. На прашањето каде води сето ова, ни беше одговорено најверојатно во Кина.

„Со долгогодишни анализи дојдовме до заклучок дека најверојатно станува збор за еден или двајца луѓе кои се движат од запад кон исток и успеваат да ги пробијат сериите кои успеваат да се продадат на телевизиите. Имено, динамичната траекторија на сапуниците покажува дека процесот започнува на северно-американскиот континент со „Династија“ и „Далас“, потоа се префрла на јужно-американскиот континент на тлото на Венецуела, Мексико, Бразил и други земји од овој дел на светот“.

„Од таму, траекторијата продолжува на европскиот континент со шпански, италијански и хрватски сапуници, за да стасаме до моменталната ситуација на доминација на турски и индиски серии“ – додаваат аналитичарите.

Според нив, следниот чекор е Кина, а ефтината цена на ултрапопуларните кинески сапуници ќе биде неодолива за домашните телевизии. Се предвидува дека кинеските сапуници ќе можат да ги задоволат домашните зависници за најмалку 4 до 5 години. Јазичната бариера ќе биде надмината со квалитетни синхронизации, а за таа цел веќе е започнат процесот на обука и школување на млад кадар кој ќе може да се нафати со овој проект: увоз на ефтини кинески сапуници.

Аналитичарите порачуваат и дека јапонците кои ги следат овие трендови размислуваат својата скромна понуда на сапуници да ја зголемат неколкукратно антиципирајќи можности за заработка, тогаш кога кинескиот пазар ќе биде исцрпен.

Киклоп и Одисеј

Posted: 7th March 2012 by sead93 in Uncategorized
Comments Off

Како нашите евроинтеграции одамна попримија одлики на Одисеја без крај еве репринт на еден текст од пред неколку години (кога состојбите на овој план, верувале или не, беа идентични како и денес):

По сите претходни перипетии Одисеј со својата дружина заглавува на островот на Киклопите. Сардисани и натиснати хомеровите јунаци се сокриваат во една од пештерите на островот. Едноокиот киклоп ербаплија со стена ја притвора пештерата, и онака два по два, мезети од другарите на Одисеј кога ќе му се пријаде. Одисеј, итарпејовски прво се претставува пред киклопот како „Никој“ и го намамува со виното. Виното го заспива Киклопот, а дружината на Одисеј со копје го ослепува киклопот среде сон. Арно ама Киклоп, со аргументот на својата сила, не попушта ни тој мајчин, се размавтува и гази сè пред себе. Одисеј и неговите колеги мораат да се досетат на последното нешто што конечно ќе ги спаси: закачени за стомаците на овчичките ги избегнуваат шепите на Киклопот кој ги проверува нив кога ги пушта на пасење. Ете така некако Одисеј и дружината успеваат да му избегаат на Едноокиот киклоп.

Слично на ова, Македонија е натисната во балканската пештера од грчкиот политички Киклоп со едно око, кој само гледа една реалност: ерга омнес, т.е. едно име за сите употреби. Стената на Киклопот еманирана во грчкото вето, тежи како камен врз плеќите на младата држава. А да не се прекине низата на алегориите, на Грците пред петанесеттина гидини им рековме дека сме „No one“ преку референцата БЈРМ.

Е сега треба да си мајчин и да излезеш од пештерата, да го совладаш грчкиот Киклоп, и на бегање од Балканската пештера да му викнеш, „Не сум Никој, Одисеј сум!“ како што тоа го направил легендарниот јунак. Но, за жал, наместо да го надмудриме Киклопа, и да се извлечеме од небраното во кое сме натиснати, за сметка на мудроста и итроштината, кај нас проработува ноторниот балкански инает. Иритирај го киклопот, потсмевај му се, реди му провокативни имиња, повикувај го на разум, и не знам што. Тоа можеби некому и му изгледа храбро и одважно (?), но во политиката тоа НЕ ВРВИ.

Наместо закачени под рувото на американските посредници некако да се протнеме во НАТО и во ЕУ, ние го разбеснивме Киклоп и директно се конфронтираме со него, кој сега од инает, во нашиов случај, не ги пушта ни овците на пасење.

И, цврц, ни напред ни назад.

Comments Off
И ракометарите покажаа дека и тоа како припаѓаме на Европа. Честитки до тимот и им посакуваме многу успех на олимписките квалификации.
Со желба не да го расипуваме впечатокот од убавите спортски моменти, но сепак да остане забележано: за жал преносите од овој турнир беа под секое ниво. Слично беше и со европското кошаркарско првенство, но да не се распливнуваме. Немаше никакви емисии посветени на тимот, разговори со познавачи, интервјуа, репортажи, а за анализи и да не зборуваме.
Се разбира за сето тоа се потребни вложувања во финансии, а јавноста џабе се понадева дека ова е изводливо за нашите телевизии барем од соседната Србија. Но шипак, што би рекле истите тие соседи. Како и да е, нека остане забележано дека и тимовите кои не претставуваат и домашната јавност заслужуваат многу повеќе. Ултрапатриотските најави и лошо инсценираните вклучувања од плоштад секако нема да го сменат многу лошиот впечаток.
Врв на тоа беше лошиот коментар и (ај да не бидеме прегруби и тие се луѓе) аматерското коментаторско покривање на првенството.
Во продолжение топ коментаторски „бисери“ преземени преку твитер сметката на @MKBlogeri од блогот http://bijonse.blog.mk (достапно на http://goo.gl/ev074):
Добро е во напад да дадеме гол.

Добро е во одбрана да се одбраниме.

Нема потреба од ваква контра треба уште одбарана во раце и го имаме крајот!Алооо, алооо вакви грешки не треба да прави Ристевски , нема потреба!
И двајцата имаат добри финти и затоа треба да внимаваат.

Треба да ја искористи шансата таа сама ќе му дојде!Т

реба Филип да ја користи одбраната на Ванчо и да скока над него!

Одлично ја држиме топката треба да идеме сигурно на гол.

Не може Кире да стои само, треба да игра ПИКЕР!

Треба Велко да биде внимателен во одбрана, таму играш или не играш…

Изгубивме авторитет во нападот затоа не даваме голови…

При водство 12:8 водиме немам никаква замерка.

Армија навивачи во потполност ги бодрат нашите навивачи (МН).

Случајно за секој случај Борко му ја згази ногата на противникот (МН).

Во игра влегува Ангелов, човек кој знае да ја понесе атмосферата или да го понесе од неа (МН).

Коце со сплав на работа?

Posted: 27th January 2012 by sead93 in Uncategorized
Comments Off

По пропаѓањето и на вториот тендер за изградба на сплавови на Вардар скопскиот градоначалник не се откажува од тоа оваа идеја да ја истера до крај:

„Нема да се откажеме и ќе одиме и на трет тендер. Сигурен сум дека граѓаните на Скопје ќе уживаат во сплавовите на Вардар“, рече Трајановски, додавајќи дека оваа новина можеби нема да наиде на прифаќање од страна на приватните инвеститори (Нетпрес).

Неофицијално дознаваме дека скопскиот градоначалник за да ги охрабри и поттикне инвеститорите се решил на невообичаен маркетиншки чекор. Имено, тој наводно ќе се откаже од своето луксузно возило со кое вообичаено оди на работа, а за таа намена наскоро ќе почне да користи сплав. Сплавот се очекува редовно да сообраќа по течението на реката Вардар на релација Автокоманда-Градски парк, од каде пак градоначалникот пеш ќе се упатува кон својата канцеларија.

Дознаваме дека за ова веќе биле контактирани неколку угледни белградски бизнисмени кои поседуваат вакви сплавови и на кои се органзираат можеби најдобрите турбо фолк забави на Балканот. Контактите ги остварила висока делегација која беше видена и на еден од натпреварите на македонската ракометна репрезентација во белградска арена.

Дознаваме дека доколку и овој потег не вроди со плод советниците на градоначалникот подготвуват сценарио своите работни простории целосно да ги префрлат на еден од сплавовите со што уште повеќе би и покажале на домашната јавност колку се функционални и мултинаменски овие пловни објекти.